СДСМ и ДУИ не одат со заеднички кандидат за Скопје вели Заев

СДСМ и ДУИ воопшто не разговарале за заеднички кандидат за градоначалник на Скопје за октомвриските локални избори, изјави денеска премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев.



– Не, воопшто не е разговарано за таква работа за заеднички кандидат или компензации или нешто слично. Се работи за политичка платформа, перспективи, иднина итн – рече Заев во одговор на новинарско прашање.

Премиерот кажа дека се работи за нешто што претставува модернизација на коалицискиот партнер и потенцираше дека е логично да остави за деталите да зборуваат тие, а е во духот на тоа што го работиме како Влада.

– Како што ги презентиравме нашите промени како најголем партнер во нашата коалиција што се правеа со електронската евиденција, непосредното гласање, еднаквата застапеност на жените и мажите и поголема застапеност на младите во партијата, така и ДУИ ме информираа за оваа квалитативна и убава промена. Се надевам дека ќе постигнат нови успеси, заради тоа што навистина е еден модернистички пристап што ќе очекуваме утре сите да го слушнеме – истакна Заев.

Единствено што кажа е дека се работи за политичката партија ДУИ и оти тоа што ќе го кажат е вредно за внимание.