„Не се сеќавам дали воопшто (Али) Ахмети го отворил статусот на ОНА во разговорите со Заев за формирање владина коалиција, но дефинитивно тоа не е дел од владиниот договор“, вели висок функционер на СДСМ, пренесува Плусинфо.
Според него, како што пренесува Плусинфо, за статусот на припадниците на поранешната ОНА треба да се праша во ДУИ.
Никогаш нема да се откажеме од решавање на статусот на загинатите припадници на ОНА, порача потпретседателот на ДУИ, Изет Меџити, на одбележувањето на 20-годишнината од загинувањето на Имри Елези, вчера пред споменикот на Скендербег во Скопје.
„Нивниот статус е поголем од ДУИ. Затоа, ниту ДУИ, ниту Албанците не се откажуваат, затоа што тие се најмногу заслужни за сè што е постигнато во овој период“, изјави Меџити за весникот Лајм.
Имри Елези иако загинат во 2001 година, повеќе од 10 години ја „бранува“ јавноста. Толку време виси и прашањето дали преименувањето на четири училишта во Чаир, меѓу кои и преименувањето на училиштето „Рајко Жинзифов“ во „Имри Елези“ и поставувањето на нови табли на училиштата е законско, бидејќи одлуките не беа донесени со Бадентерово мнозинство, пишува Плусинфо.







