СДСМ, ДУИ и АА не добија 2/3 мнозинство за почеток на уставните измени

Парламентарните претставници на СДСМ, ДУИ и АА не добија двотретинско мнозинство во уставната комисија која одлучуваше за почеток на процедурата на уставните измени кои треба да ги внесат Бугарите во уставот.



Претседателот на собранието и претседавач Талат Џафери, кој претседава со Комисијата отвори расправа по единствената точка на дневен ред која звшри со дебакл на власта.

Зборувајќи за владината иницијатива за измена на Уставот премиерот Ковачевски ги образложи предложените амандмани за внесување на дел од бугарскиот народ во Уставот но ни тоа не помогна да се дојде до 2/3 мнозинство во комисијата откако опозицијата гласаше против.

По завршување на расправата амандманите беа ставени на гласање, но не добија двотретинско мнозинство во комисијата.

Десет пратеници на владеачкото мнозинство гласаа “за” иницијативата за измена на Уставот што не е доволно затоа што за оваа фаза се потребни 12 гласа од вкупно 17 членови на уставната комисија.

За уставни измени гласаа Мартин Костовски, Ненад Коциќ, Емилија Рамбабова, Илија Николовски, Даниела Стојановска Пановска, Марија Ангелова и Даниела Маркоска од СДСМ, Фиснике Бектеши Шаќири, Талат Џафери од ДУИ, и Ремзи Мехмеди од Алијанса за Албанците.

Против уставните измени гласаа сите седум пратеници на опозиционата коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ: Никола Мицевски, Александар Николоски, Владо Мисајловски, Проф. Гордана Силјаноска Давкова, Антонио Милошоски, Дафина Стојаноска и Иван Стоиљковиќ.

И покрај тоа што нема двотретинско мнозинство спикерот Талат Џафери ќе го поднесе заклучокот усвоен со просто мнозинство за расправа на пленарната седница но гласањето на уставната комисија јасно укажува дека власта ги нема потребите 2/3 од гласовите на пратениците за приемна на уставот.