СДК: Власта на СДСМ ќе го доградува споменикот на Мајка Тереза кој е дивоградба

Градбата се наоѓа среде улица, го блокира влезот на Плоштадот Македонија  и прекршува низа закони.



На прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК до министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска што се планира со споменикот кој власта од која сега таа е дел 5 години не го чепка, а кога беше опозиција остро го критикуваше, рече дека тој нема да се урива туку единствено решение е да се догради според идеја на стручната јавност.

„Ќе се распише конкурс на кој архитектите ќе можат да предложат решение како тој дел да се уреди и колку што може да се спаси просторот“, рече Костадиновска-Стојчевска не прецизирајќи кога точно ќе биде распишан конкурсот.

За објектите од „Скопје 2014“ меѓу кои и споменикот на Мајка Тереза, Владата на СДСМ по доаѓањето на власт во 2017 формираше работна група.

Работната група во извештајот кажа дека оваа бетонска дивоградба треба веднаш да се урне затоа што освен што прекршува низа закони, ја загрозува и безбедноста на Плоштадот, пишува порталот.