Да ни се живи “партнерите“. Со години нѐ прават недоветни. Крајно време е да се освестиме и да ги браниме сопствените интереси. Доста беше срамно голтање туѓи кнедли

Во политиката, како впрочем и во животот, ништо не е случајно и (речиси!) ништо не може да се скрие. Еден од најголемите руски поети, одамна има напишано – лошите дела ќе се откријат, и земјата да ги крие цела. И, навистина е така. Ако внимателно се набљудува и анализира, се’ излегува на виделина. Кога се прави мозаик со сите познати факти, сликата неизбежно се појавува. Понекогаш, треба да се почека одредено време, за да се разбистрат нештата. Трпение, спасение, вели народот.
Ова правило, непишано ама точно и трајно, целосно важи и за односот на меѓународната заедница кон Македонија. Во првите години по распадот на Југославија, многу потези на странците беа неразбирливи. По 30 години, и со најпрост мозаик, нема дилеми ниту што ни се случува(ше), ниту од кого.
Никој нека не се залажува дека името ни го смени Грција, ниту дека само Бугарија сака да не бугаризира. Тоа беа, и се, политики на единствената светска супер сила, силно поддржана од нејзините западни сателити, пред се’ од ЕУ.
Пред самитот на НАТО, во Букурешт (2008), Вашингтон речиси никогаш јавно не се експонираше во однос на нашето име. Нивните амбасадори во Скопје – Ајник, Батлер и Миловановиќ, воопшто јавно не зборуваа за проблемот иако, сигурно, вршеле некаков притисок врз политичарите.
Во Букурешт, меѓутоа, САД радикално ги сменија и својата, и политиката на НАТО кон Македонија. Бескрупулозно наметнаа уцена – прво името, потоа членство. Автоматски, тоа важеше и за ЕУ. Истите земји се и во двете организации. Така, се игнорираше пресудата од Хаг, против Грција, дека никаде не смее да се попречува нашето членство со референцата.
Апсурдот беше целосен: Грција не смееше да нѐ блокира заради Привремената спогодба (1995), којашто ни ја наметнаа токму САД! Очигледно, времињата, ама и приоритетите – се променија. Заради НАТО, Вашингтон стана главен носител на нашето што побрзо прекрстување.
Новата американска стратегија кон името беше резултат на нивното (точно!) сознание дека ако влеземе во НАТО и ЕУ со референцата, прекрстувањето би било невозможно. И ние би биле внатре, а не надвор. Така, не би било можно бришење на националниот идентитет на Македонците, за што беше и измислена промената на името. Ова е силен додатен доказ за вистинските намери на САД.
Помошник државниот секретар, Даниел Фрид, беше меѓу првите којшто по самитот ни советувал (“Дневник“, од 28/10/2008) – “Зграпчете го последниот предлог на Нимиц и направете ја светла иднината на вашите деца…“.
По Букурешт, за американски амбасадор дојде Филип Рикер. Тој не криеше дека главна задача му е прекрстувањето на државата, иако има и други. Еве докази.
Во долго интервју во “Дневник“, од 8/6/2009, ни порача – “Земјата треба да најде име за да почне да се движи кон натамошна целосна интеграција“; “…да се најдат креативни и зрели решенија, ДА СЕ ДОНЕСАТ ТЕШКИ ОДЛУКИ И ДА СЕ ОДИ НАПРЕД“; “Ќе мора да се најде нешто со што (водството) ќе го зацврсти европскиот идентитет на Македонија, да се најде решение за спорот за името“; “… за нас Американците да се биде двојазичен или повеќејазичен е предност, нешто од што луѓето од оваа земја можат да имаат корист … Ова треба да ја зајакне Македонија“. Америте, навистина се двојазични?
Во овие куси изводи се’ е кажано: прекрстување; нов, европски идентитет; двојазичност (коренот на Тиранската платформа)…
Други негови изјави: “Дневник“, од 23/1/2010 – “… Македонија не може да си дозволи и во наредните 10 години да биде надвор од ЕУ и од НАТО“; “Нова Македонија“, од 18/1/2010 – “Верувам дека решение е можно релативно брзо. Фокусирајте се… на наоѓање на име за меѓународна употреба, со кое двете земји би се согласиле“; “Нова Македонија“, од 29/4/2010 – “Прашањето за името мора да се реши зошто ОД ТОА ЗАВИСИ ИДНИНАТА НА МАКЕДОНИЈА…“; “Дневник“, 23/11/2010 – “Одговорноста е на лидерите и на народот на Македонија да се најде конечно решение“ (Грција е невина, се разбира!); “Дневник“, од 3/12/2011 – “Условот за НАТО е прво решение за името, па покана за членство“; “Нова Македонија“, од 26/3/2011 – “Никогаш не сме го гледале овој проблем како проблем на идентитетот, бидејќи вашиот идентитет си е ваш идентитет“ (невидена измама и манипулација. Неспорно е дека е наш, ама тие не го прифаќаат и признаваат)…
Целата колумна на Ристо Никовски за Плусинфо на следниот линк:
https://plusinfo.mk/scenarioto-e-isto-od-1991-celta-beshe-da-n-prekrstat-i-da-n-pobugarchat/





