Рускиот бизнисмен од грчко потекло, Иван Савидис, демантира вмешаност во наводни протести против договорот за името во Скопје и негира дека платил 300 000 евра на македонски политичари и навивачи.
Expres.mk, вчера објави сторија за Савидис, грчки Понд, човек кој е сопственик на најголемата руска тобако фабрика, бизнисмен кој тежи околу 2 милијарди евра и кој е близок на грчкиот премиер Ципрас и лидерот на владината партија АНЕЛ Панос Каменос.
Претходно, премиерот Зоран Заев за американскиот портал BuzzFeed News. изјави дека има сознанија дека грчки бизнисмени со руски пари финасирале протести против промена на името на Македонија.
„Јасно ставаме до знаење дека бизнисменот Иван Савидис нема ништо со она што се споменува во лажниот и крајно клеветнички текст. Во следните часови, искористувајќи ги сите правни средства, ќе поднесеме тужба против медиумот, како и до авторите на оваа неоснована објава“, пишува во соопштението на групацијата компании на Савидис „Димера груп“.
Иван Савидис стана пизнат во светската јавност откако во март на натпревар од грчкиот фудбалски шампионат незадоволен од резултатот на својот тим ПАОК влета на теренот со пиштол и се упати кон судиите да ја земе правдата во свои раце. По ова, тој доби забрана за влегување на стадион во следните три години, а требаше да плати и 100.000 евра. На неговиот тим ПАОК му беше одземена титулата.





