Половина од патниот дел од мостот беше целосно уништен и заврши во морето, по експлозијата на камион-бомба во саботата наутро.



Оштетен е и горниот, железнички дел од мостот, кога огромна експлозија зафати и товарен воз со вагони полни со гориво.

Најмалку три лица загинаа во експлозија на камион на мостот што ги поврзува Крим и Русија, соопшти рускиот истражен совет.

„Се претпоставува дека тоа се сопатниците на автомобилот кој бил покрај камионот што експлодирал. Телата на двете жртви, маж и жена, веќе се извадени од водата и се утврдува нивниот идентитет“.

Според инспекторите, камионот бил регистрирано во јужниот руски регион Краснодар и се истражуваат информации за сопственикот.

Претставник на украинската влада, кој сакаше да остане анонимен, изјави за Вашингтон пост дека украинските специјални служби стојат зад нападот на мостот на Крим.

Вчера, во текот на денот, Русија делумно го стави во функција мостот, а најпрвин беше отворен за автомобили, така што сообраќајот во двата правци се одвива на половина од мостот.

Русија соопшти дека лакот на мостот не е оштетен.