Добро, Макрон го направи тоа што беше неизбежно, по сите француски најави дека нема проширување се додека ЕУ темелно не се реформира.
Добро, доскорашните еврофили очекувано започнаа да го плукаат и колнат францускиот лидер што само по себе е парадокс, бидејќи Макрон во суштина, заедно со Меркел е водач и на Унијата.
Што да се чини, неуспехот на Заев мора да се оправдува, а Франција е далеку и таму никој нема да знае дека во балканската провинција некои невоспитани елементи им го навредуваат шефот на државата.
Добро, Рама успеа да се извади за албанскиот неуспех со изјавата: Еј, луѓе, ние не добивме датум не продавајќи ништо, а оние не добија датум иако си го променија името!
Добро, претседателот Пендаровски депресијата ја залечи со организирање лидерска средба на која сите едногласно заклучија дека и покрај европската клоца ние немаме друга алтернатива освен да продолжиме со лигавење пред бриселските порти во надеж дека сепак некогаш, еден убав ден, некоја поспана административна великолепност макар и случајно ќе ни ги отвори.
Добро, министерот Димитров исчезна на неодредено време, одлучи да го подзаборавиме во темницата и тишината, иако извесно е, кога часот ќе чукне, повторно ќе скокне оттаму и ќе ни се врати блескаќји во сјајот на некое ново скапо палто и гламурот на некое ново ветување.
Добро, опозицијата се обидува да искористи што може и да привлече на своја страна што повеќе потиштени и разочарани довчерашни љубители на заевистичките сништа и желби.
Дали ќе им успее тоа е друго прашање. Еден Господ знае дали ќе можат да ги натераат воопшто да излезат на гласање сите оние стотици илјади на кои им е преку глава од се, од празни ветувања, од лажни надежи, од глупави реклами, од лошо организирани собири, од ефтин популизам, од мафтање со знаменца, од неморални судии, од подмитени полицајци, од алчни пратеници, од полуписмени министри, од недоделкани градоначалници, од криминални врски, од паразити во цивилниот сектор, од лошо подготвени говори, од мизерни новинари, од попуштања кон соседите, од бламирање пред очите на целиот свет и можеби најмногу од она нечовечно, монструозно, садистичко, злосторничко а нималку реално ветување дека розевата иднина во европското братство на богати и слободни народи не треба да се заработи, туку може да се добие на подарок, само ако бидеме доволно уцвилени и свитакни додека го измолуваме од семоќните господари на европската судбина.
Во меѓувреме, оние најзагреаните еврохејтери од редовите на провладиниот збунет меинстрим започнаа некаква позерска пропаганда дека европоразот не е ништо посебно бидејќи Владата сега ќе ги свртела своите амбиции кон семоќниот Вашингтон, што пак ќе придонесе нагло да се изменат околностите и да добиеме…не знам точно што, но секако нешто убаво и прекрасно.
Како да е Белата куќа продавница за желби, па само треба да влеземе внатре и вработените веднаш ќе ни речат: Еј, супер што дојдовте, токму вас ве чекавме, ајде кажувајте какви потреби имате за да ви ги исполниме!
Но толку за тие глупости, за нив и две реченици се доста, реалноста е дека сме исправени пред горостасен предизвик како да излеземе од провалијата во која не фрли сопствената наивност и туѓата суровост, во услови кога државата не функционира а вакумот, добро е познато, едноставно ќе мора да се пополни или со некоја нова функционалност или со некоја нова држава.
Сепак, најпогрешно во овие услови би било легнувањето на земја и кревањето бело знаме, бидејќи на крајот на краиштата битката се уште трае. Потребна е општа мобилизација на народот, на секој граѓанин кој е подготвен да се бори за опстанокот на оваа убава земја.
Неопходна е решителност на новите лидери да се фатат за врат директно со вистинските проблеми, со корупцијата, дилетантизмот, криминалот и неодговорноста.
Нужни се смели дејства а не силни празни зборови и конечно, морално е создавање на нова парадигма која ќе се состои од три едноставни зборови важечки за сите слоеви на општеството: Работа, работа и работа!
Нема потреба да ни ветуваат дека ќе продолжеле по патото кон Европа. Ние веќе сме во Европа, ние сме Европа, нас вештачки не извадија надвор од Европа за да можат да не поткусуруваат кога ќе затреба, но Европа не можат и не смеат да ја извадат од нас.
Ако не дај боже успеат во тоа, тогаш ќе го добијат оној стар, крвав и полуден Балкан во однос на кој сите арапски и африкански бегалци ќе бидат обична шега, а арогатните контиња, наследници на грофови, маркизи и лордови, сигурно не би сакале да видат како брадосаните балкански дивјаци, соочени со својот очај, повторно ги вадат од појас кубурите и камите.
Затоа и нема да успеат, а ние ќе влеземе таму каде што природно припаѓаме уште од почетокот на историјата. Но ајде веќе еднаш да почнеме со работа.






