Новоизбраниот претседател на Европскиот парламент Давид Сасоли утре ќе ја посети Република Северна Македонија. Пред неговата посета на земјава, во интервју за МИА, вели дека блокадата на преговорите во ЕУ ја освести европската јавност за важноста на ова прашање. Смета дека француското вето на последниот самит е само мала пречка на патот која ќе се надмине во наредните месеци.



„Одлучив првата посета надвор од ЕУ да биде во Северна Македонија, а потоа Албанија затоа што верувам дека овие две земји направија огромни напори да станат членки на ЕУ, и ние треба тоа да го признаеме и да им помогнеме на нивниот пат кон успехот. Нема да се откажеме“.

Според него наредните шест месеци ќе бидат многу важни, како и Самитот во Загреб.

„Мислам дека треба да стигнеме на Самитот во Загреб со консензус од европска страна. Тоа што ќе го стори новата Европската Комисија ќе биде одлучно. Веруваме дека новата Комисија ќе го следи истиот пат како и Комисијата на Јункер, дека ќе продолжи со овие напори и ќе ги трансформира во нешто солидно. Не губиме време и наредните шест месеци нема да бидат изгубени. Ова ќе биде исто така можност да ја истакнеме нашата одлучност. Има само една пауза на еден долг пат, но последниот збор сѐ уште не е кажан. Друга работа која за нас е импресивна е тонот на јавната дебата во Северна Македонија: секако дека луѓето се разочарани, тоа е природно, но има силен сигнал на надеж, ова е многу позитивно и мораме да градиме врз тоа“, вели Сасоли.