Новинарот Сашо Орданоски во денешна колумна низ медиумска „екскурзија“, како што вели, со име и презиме ги наведе медиумите кои, според него, се дел од некогашната моќна пропагандна машинерија на поранешната владејачка партија, а денес се само „јагнешки бригади“ со прилично разнишано, обесхрабрено и без пропагандното влијание што некогаш го имале.
Во „списокот“ на прозвани се најде и тимот новинари на порталот „Expres.mk“ за кој вели дека биле „интелектуално крило“ и „пропагандната „цитадела, мостот што го поврзува Мицкоски со кабинетот на антизападниот стратег во земјава, Ѓорге Иванов, пред сè со омнипотентниот (и омнисомнителниот) советник на Иванов, Синиша Алексоски, кој управува со своја пропагандна платформа (благодарејќи на ресурсите на Агенцијата за разузнавање и тн.)“.
Од каде таквата „чест“ и таквиот контекст, не ни е познато…
Како што не ни е познат ни стравот на Орданоски кој вели дека си ја зел „белјата на глава, бидејќи сега половина од спомнатите веројатно ќе ме растргнат по своите медиуми, пара-медиуми и со ‘специјалците’ на социјалните мрежи“.
Од наша страна може да му порачаме на колегата Орданоски дека немаме таква ниска намера, зашто – нема ни зошто.
Слобода на пишан збор има секој, па дури и Сашо Орданоски, кој со децении веројатно се чувствувал репресиран под разни влади и режими, немал каде да ги изразува своите мисли, ставови, рецепти… сè до сега, кога му е овозможено тоа да го прави по потреба и ако треба и по два пати на ден.
Напротив, со дозвола на Civil Media и почитиувајќи ги правата на авторство, ќе пренесеме линк од неговата колумна „Кога јагнињата (привремено) ќе стивнат“.




