Новинарот Саше Ивановски во својата последна колумна под наслов „Лична молба до премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев“, апелира претседателот на Владата „поради ветото од Бугарија“ да не се откажува и да не размислува „да оди на местото маркетинг-директор на МАМАС, да си шета по светски саеми и да го нуди струмичкиот ајвар“…



Ивановски во продолжение му пишува на премиерот:

„Затоа, друже Заев, колку и да ти е згадено од полудените Бугари, колку и да ти се скиснати цревата од опозицијата, колку и да ти идат на нерви хистеричните критизери кои врескаат за секакви ситници, колку и да си уморен од корона пандемијата која го прави ренде и буџетот и економијата, те замолувам да издржиш уште некоја година додека да се реформира ВМРО-ДПМНЕ за да не се плашиме дека пак ќе дојде груевизмот на власт.

Аман заман премиере, те молам немој да нè напушташ пак да нè газат со нозе и да нè бутаат по затвори, да нè тепаат, да нè казнуваат, да нè бркаат на улица без скршена пара, да гладуваме пак, да дремеме на маргините, доста ни беше такво мачење и искушение“.

На крајот на обраќањето до Зае, кого очигледно го смета за многу близок и „сличен“ на себе, Саше Политико образложува:

„Јас и ти сме малку и слични, па затоа како една будала која со години се жртвуваше за доброто на земјата на чудење на сите мои блиски ти се обраќам на тебе како иста таква будала која, наместо да ужива во својот живот на успешен бизнисмен, си го жртвуваше животот да заглавиш во затвор, да бидеш убиен, го стави семејството на отстрел за подобра иднина на земјава, па затоа мислам дека има шанси да ги слушнеш овие молби и да постапиш како што те замолувам и не само јас, сигурно истото го мислат 99% од членовите на СДСМ…

А зошто сме јас и ти такви будали? Па, секоја земја мора да има такви будали, без нив нема да има држава, ако сите сме себични и гледаме сеир или сме опортунисти или аутисти, никогаш немало да стекнеме и нема да имаме понатаму држава…

Јбг, некој мора. Така им одговарав 10 години на сите оние кои ме прашуваа зошто трчам по Груевски и јадам ќотек како магаре, а живеам како голо куче…“, пишува Саше Ивановски.

Ивор: Плусинфо