Специјалниот пратеник на Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин, во интервју за Бугарското национално радио (БНР) порача дека нема да има промени во преговарачката рамка на Македонија со Европската унија.
„За Република Северна Македонија ова лето треба да биде лето на вистината. Крајно време е за земјата, но и за ЕУ, и исклучително е важно да се има одговор. Нашиот предлог го дадовме пред една година и оттогаш чекаме одговор од Скопје. Нема да има други преговори, друга понуда. Друга зделка нема да има. Тоа го кажувам секогаш кога сум во Скопје. Можете да ја прифатите оваа понуда или не. Но, нема да има нови преговори. И да се појават идеи за нови преговори со Бугарија, ние нема да ги поддржиме. Нема да ја менуваме преговарачката рамка. Во спротивно, тоа ќе се претвори во бескрајни преговори само затоа што некаде има нова влада.
Време е за јасност. Нормално дека ќе ја прифатиме одлуката на Скопје. Но, мислам дека дојде време за одговор. Се надевам дека годинава ќе се смени Уставот, но пак велам – време е за одговори“, изјави Сарацин.
Тој се произнесе и за неодамнешната Резолуција за Македонија на германскиот Бундестаг.
„Во нивните посети на Северна Македонија во последните недели и месеци германските пратеници почувствуваа дека Македонците се загрижени за својот идентитет, јазик и култура. И иако никој во Бугарија не сака ништо да им одземе на Македонците, важно беше Германија да даде знак и да ја увери Северна Македонија дека ќе можат да го поминат патот кон членство во ЕУ како Македонци. Но, во исто време, за да ги започнат преговорите за членство, тие мора да го поддржат договорот постигнат пред една година, кој вклучува измени на Уставот“, објасни Сарацин.






