Шпанскиот премиер Педро Санчез среде Тирана и пред својот албански колега Еди Рама уште еднаш го повтори ставот на Шпанија за непризнавање на независноста на Косово.
„Мислиме дека тоа е еднострано прогласување независност и сметаме дека е прекршено меѓународното право, така што не можеме да го прифатиме тоа. Го велиме тоа со сето почитување што го имаме кон албанскиот народ“, изјави Санчез на заедничката прес-конференција со Рама по меѓусебната средба како дел од балканската турнеја на шефот на шпанската влада.
Тој додаде дека е нормално да постојат несогласувања меѓу две пријателски земји, како што се Шпанија и Албанија, истакнувајќи дека во овој случај постои несогласување во врска со признавањето на Косово.
Санчез порача дека тоа не значи оти, во контекст на европските интеграции, Шпанија не го поддржува дијалогот меѓу Белград и Приштина.






