Рим на македонските студентски солзи не им верува, молк од МНР

Над педесет македонски студенти запишани годинава и лани на италијанските универзитети се наоѓаат во исчекување дали ќе им пропадне студентската година.



Загрижени родители се јавија во редакцијата на expres.mk барајќи помош за нивната и маката на нивните деца студенти.

Имено, станува збор за деца кои годинава поминале мачен и долготраен пат да се запишат на студии во Италија а чии соништа за европско образование на врвни универзитети можат да останат неостварени без нивна вина.

Многумина од нив веќе партиципирале со средства и го платиле школувањето а парите можат да им пропаднат.

Безмалку сите се изјасниле дека сакаат физичко присуство на универзитетите но сега не можат да добијат студентска виза со која би го регулирале престојот во Италија.

Во текот на процедурата студентите ги доставиле сите документи (над 15) кои ги бара Италија а за истото се потребни преводи, апостили и многу други документи и процедури.

Но, за жал Амбасадата на Република Италија во Скопје не издава визи за Македонија со оглед на фактот што нашата држава е во F групата на држави кои се со крајно загрозувачки параметри поврзани со вирусот КОВИД19.

До почетокот на студентската година остануваат уште дваесетина дена од кои доколку сега некој влезе во Италија ќе треба да биде во 14 дневен карантин пред почеток на учебната година. Практично остануваат уште само седум дена пред студентите да заминат на студии.

Разочарани од незаинтересираноста на македонските власти за проблемите на нивните деца дел од родителите најавуваат протест пред МНР, институција која е информирана за проблемот но која не сторила ништо за негово решение.

Меѓу студентите кои се блокирани во земјава има и бруцоши но и такви кои лани го почнале студирањето по што се вратиле во Македонија пред повторно да се вратат и да ги продолжат студиите.

И за нив и за студентите на прва година кои со крајни маки успеале да се запишат сега постои опасност да им биде одземен сонот да студираат во земјата на Караваџо, Павароти, Данте и Микеланџело.