Само Македонија ја победила Хрватска во квалификациски фудбалски меч во ноември

Победата на Хрватска над Летонија од 2:0 во Рига, која заедно со ремито 1:1 на директниот конкурент Велс во Ерменија ги доближи „коцкестите“ до уште едно големо фудбалско натпреварување, ја остави Македонија единствен противник што ја совладал хрватската репрезентација во квалификациски натпревар во ноември.



„Ноември е месецот кој традиционално најмногу ѝ одговара на хрватската репрезентација.

22 квалификациски натпревари, само 1 пораз*.

14-7-1, гол-разлика 43-16.

*Македонија во калта во Скопје во 2007 година, кога на полувремето дознавме дека сме се пласирале на ЕВРО, па веќе не ни беше важно“, објави на Твитер професорот по спортска економија и економија на ЕУ на Универзитетот во Загреб, Томислав Глобан.

Единствениот ноемвриски пораз на Хрватска во квалификациски меч се случи на 17 ноември 2007 година во Скопје, кога Македонија славеше со 2:0 со головите на Горан Мазнов и на Илчо Наумоски во второто полувреме.