Само Климентовата црква промовирала кирилица и словенски јазик

Дека македонското духовно наследство има светско значење и е многуслоевито, повторно потврди изложбата на фототипските прикази на спомениците на македонската писменост од доваѓањето на св. Климент во Македонија до пропаѓањето на Самоиловото Царство под византиска власт (886 – 1018), приредена во Охрид, а во авторство на академикот Ѓорѓи Поп-Атанасов.



„Тоа се 10-те најстари сочувани кирилични ракописи, настанати во текот на X век, меѓу кои дури осум се од македонско потекло а, истовремено,речиси, сите сочувани македонски глаголички ракописи настанале во текот на X век или на почетокот на XI век. Затоа оваа изложба претставува духовна гордост на Македонците“, вели академик Поп-Атанасов.

По пропаѓањето на моравската мисија (863-885) во Кутмичевица , светите Климент и Наум формирале црковна организација, која дејствувала самостојно, без директна јурисдикција ниту на Константинополитската патријаршија, ниту на Преславската патријаршија. Ваквиот статус на Светиклиментовата црква јасно се потврдува од фактот што за црквата во Македонија официјално писмо е кирилицата, а не глаголицата и во нејзините црковни храмови се богослужело и проповедало на словенски јазик, додека во Преславската архиепископија официјално писмо е византиското, а во нејзините црковни храмови се богослужело и се проповедало на византиско-грчки јазик.

„Натаму, Преславската архиепископија била раководена од византиска црковна хиерархија, под директна јурисдикција на Константинопол, на чело со архиепископ Византиец. Се практикувала константинополската, во исто време кога во св. Климентовата – солунската литургиска традиција. Нешто, што од своја страна го објаснува различниот карактер на книжевната школа и на црковните книги што се создаваат за потребите на две различни, според својата структура, црковни организации“, образложува академикот.

Изложените ракописи денес се чуваат во повеќе библиотеки и музејски поставки низ светот, сите надвор од Македонија: Москва, Сент Петерсбург, Софија, Одеса, Варшава, Ватикан, Синај, Инсбрук. Многу од значајните словенски ракописни книги, по падот на Самоиловото царство под византиска власт, биле подложени на систематско уништување и се зачувани главно оние ракописи кои што уште пред 1018 година се однесени надвор од Македонија.