Израелските војници убија неколку милитанти на Хамас на почетокот на „рацијата“ во болницата Ал Шифа во средата, каде што илјадници палестински цивили – пациенти, раселени лица и медицински персонал – се заробени за време на неколкунеделните борби.
Израел рече дека ја започнал рацијата бидејќи Хамас има команден центар под Ал Шифа и користи поврзани тунели за да ги прикрие воените операции и да држи заложници. Хамас негира, објави Ројтерс.
„Пред да влезат во болницата, нашите сили се соочија со експлозивни направи и терористички одреди, по што следеа борби во кои беа убиени терористи“, соопшти израелската војска, без да прецизира точно каде се случила престрелката.
Радио на израелската армија соопшти дека петмина милитанти се убиени и дека во комплексот Ал Шифа е пронајдено оружје.
Глобалните повици за хуманитарен прекин на огнот се зголемија во последните денови, бидејќи Ал Шифа стана фокус на израелската војна против Хамас, а се зголемија и стравувањата за илјадниците луѓе заробени таму, на линијата на фронтот на конфликтот.
Претходно во средата,Д-р Мунир Ал-Бурш, генерален директор на Министерството за здравство во Газа, управувана од Хамас, рече дека медицинскиот персонал ја одбил наредбата на израелските одбранбени сили да се евакуираат бидејќи не сакале да ги напуштат околу 700 пациенти кои инаку би умреле.
„Проблемот не се лекарите, проблемот се пациентите. Ако ги оставиме, ќе умрат.
Ако ги земеме, ќе умрат по пат. Ова е проблемот: зборуваме за 700 пациенти“, рече Ал рече Бурш.
Лекар кој работи во болницата Ал Шифа изјави за Си-Ен-Ен дека биле известени за операцијата само 30 минути пред израелските сили да влезат во комплексот денес.
Израелската армија објави дека влегла во комплексот Ал Шифе и дека „врз основа на разузнавачки информации и оперативни потреби“ спроведува „прецизна и насочена операција против Хамас во одредени делови од болницата“.







