Неодамнешното истражување спроведено од германскиот институт за истражување на пазарот и на јавното мислење „Форза“ открива дека многу германски граѓани се двоумат да ја бранат својата земја со смртоносна сила во случај на потенцијална странска агресија. Според анкетата нарачана од весникот „Штерн“, 40 проценти од испитаниците се изјасниле дека никогаш не би зеле оружје, дури ни во такви околности.
Само 17 отсто од Германците посочиле дека „дефинитивно“ би биле подготвени да ја бранат својата земја. Дополнителни 19 отсто изјавиле дека „веројатно“ би го направиле тоа во случај на напад врз Германија.
Постарите мажи покажаа повисоко ниво на потенцијална подготвеност, при што 39 проценти од машките испитаници на возраст меѓу 45 и 59 години изразија подготвеност да се приклучат на германските одбранбени сили во случај на странска инвазија.
Севкупно, 61 отсто од Германците откриле дека или „веројатно“, или „целосно“ не се подготвени да земат оружје против потенцијалниот агресор.
Анкетата, спроведена во средината на ноември, истакна дека бројот на поединци кои категорично негираат каква било можност за тоа е двојно зголемен од мај 2022 година. Дополнително, се истакнува дека луѓето со средно и високо образование не сакаат да брзаат во одбрана на својата нација.






