Пратениците на денешната собраниска седница не дадоа поддршка за укинување на апанажата, што беше предлог на Левица.
Со „за“ се изјаснија само 16 пратеници, а „против“ беа 13 поради, со што и овој предлог не беше усвоен.
„Целта на предлог-законот е да се укине правото на остварување на плата по престанување на извршување на функцијата на пратеник во Собранието, функционер и раководен работник кој го именува Собранието односно назначува телото што тоа ќе го овласти, претседателот на Република Македонија и Владата или т.н. право на апанажа, како и почитување на уставниот принцип на забрана за дискриминација врз основа на класно/социјално потекло и имотна, т.е. општествена положба.
Предлог-законот одговара на моменталната економска, енергетска, здравствена и финансиска ситуација во време на прогласена кризна состојба и сметаме дека ова решение е во насока на задоволување на целите на овој предлог-закон“, стои во образложението на поднесениот предлог од пратениците Димитар Апасиев и Борислав Крмов.
Во процедурална забелешка за предлог-законите зборуваше спикерот Талат Џафери, кој објасни и зашто гласал „против“ предлогот на Левица. Како што посочи тој, Собранието не е локална самоуправа што функционира врз доброволна основа, без надоместоци и рече дека на крајот на мандатот функционерите ја користат законската можност.







