Самит „Мал Шенген“ во Тирана

Состанокот на лидерите од Западен Балкан, во рамките на иницијативата „Мал Шенген“, се одржува денеска и утре во Тирана, на кој по покана на домаќинот, Еди Рама ќе присуствуваат македонскиот премиер Зоран Заев, српскиот претседател Александар Вучиќ, а најавено е присуство на црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ.



Претходо премиерот Еди Рама најави и присуство и на новиот висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.

На средбата, и покрај поканата, нема да се појави косовскиот претседател Хашим Тачи, за кого иницијативата е „бесмислена“ доколку Србија не го признава Косово.

Албански медиуми јавуваат дека за разлика од досегашните две средби, оваа ќе биде под американски надзор.

„Дипломатски извор потврди дека на оваа средба американскиот Стејт департмент ќе испрати двајца специјални претставници кои одблиску ќе ја следат работата на состанокот“, јави албанската ТВ Топ ченел

Додава дека САД преку специјалниот пратеник за Балканот, Метју Палмер уште од самиот почеток ја поддржаа заедничката регионална иницијатива на Албанија, Србија и Северна Македонија.

Иницијативата, која има цел интензивирање на регионалната соработка и подобрување на животот на граѓаните, е продолжение на средбите од Нови Сад и Охрид на Заев и Рама со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

На вториот ден од состанокот (утре) е предвидена заедничка изјава за медиуми на лидерите на Западен Балкан.