Две илјади убијци, дилери, крадци, со избричени глави и боси се префрлени во Теколука, огромен новоизграден затворски комплекс од највисоко ниво на безбедност, наменет за 40 илјади затвореници.



„ Порано, бандите имаа проститутки, телевизори, конзоли за игри, дрога, мобилни телефони, компјутери, а чуварите и војниците спиеја на подот“, рече претседателот на Салвадор претседателот Најиб Букеле, кој минатиот месец го посети комплексот.

Затворот е изграден за само седум месеци, откако бројот на затвореници во земјата драстично се зголеми.

Тоа беше последица на големата војна против бандите, која претседателот Букела ја водеше на крајот на март. Воведена беше вонредна состојба, а уапсени се повеќе од 64 илјади осомничени.

Затворот е составен од осум армирано-бетонски згради. Секоја има 32 ќелии од околу сто квадратни метри. Во секоја има по 80 метални кревети за околу стотина затвореници. Ќе ги напуштат ќелиите само во случај на судски рочишта и тоа преку видео конференција или ако бидат казнети со самица. Секое движење ќе го следат десетици камери, 600 вооружени војници и 250 полицајци. Околу комплексот е изграден ѕид од два километри и висок 11 метри со седум караули.

„ Овде ќе гарантираме дека сите оние луѓе кои со децении предизвикуваат зло и убиваат семејства од Салвадор ќе бидат на место од кое нема да можат да заминат“, рече Ромео Родригез, министер за јавни работи.