Писателот Салман Ружди најверојатно ќе го изгуби окото. Тој, исто така, има исечени нерви на раката и оштетување на црниот дроб, открива Ројтерс повикувајќи се на изјава на Ендрју Вајли, менаџерна писателот.



Тој информираше дека Салман Ружди е на машина за дишење.

„Вестите не се добри. Салман веројатно ќе го изгуби едното око; нервите на раката му се отсечени; црниот дроб му е пробиен и исто така е оштетен“, рече Ендрју Вајли.

Познатиот британски писател Ружди беше прободен со нож во вратот. Нападот се случил непосредно пред тој да зборува на настан во Њујорк.

Неговиот напаѓач е уапсен, а 75-годишниот Ружди веднаш бил пренесен во болница, каде му била извршена операција.

Салман Ружди е британски писател со индиско потекло. Во 1988 година, неговиот роман „Сатански стихови“ предизвика силни контроверзии во исламскиот свет.

Книгата беше забранета во многу земји, а иранскиот ајатолах Рухолах Хомеини дури го прогласи за отпадник и му одреди награда од 3 милиони долари на неговата глава. Иако иранската влада се огради од фатвата кон крајот на 1990-тите, разни верски фондации продолжија да нудат награда за неговото убиство, па дури и беше зголемена на над 11 милиони долари.

Првиот обид за атентат против писателот беше истата година.