Салиху: „Создавање aлбанска свест во ‘Ослободените земји (1941-1944)’ – Малковски: „Окупација на западна Македонија за ‘Голема Албанија“

„Четиритомното издание со наслов ‘Ослободените земји (1941-1944) ): збирка на документи“ содржи документи, кои се одбрани, преведени, уредени и коментирани од историчарот Ќерим Лита. Низ многу документи книгата зборува за периодот кога функционирала ‘Албанската Етничка Држава’ од 1941 до 1944 година.“ – вели Салајдин Салиху, професор на Филолошкиот факултет при државниот Универзитет во Тетово, во својата статија со наслов „Драгоцена книга за ослободените територии“, во која изнесува опширен приказ за содржината на ова дело од четири тома на на авторот Ќерим Лита. Статијата ја објави телевизијата „Шења“.

Инаку, тие „ослободени територии“ се главно западниот дел на Македонија и другите подрачја на Македонија со албанско население, покрај другите, како и Косово, во времето на Втората светска војна. „Збирката на документи се однесува на економскиот, социјалниот и културниот живот во Косово и албанските делови на денешна Македонија, каде што Албанската влада ја рашири својата власт во периодот од 1941 1944 година. Книгата е важна за повторното пишување на албанската историја.“ – наведува нејзиниот издавач „Логос А“ во описот на изданието.

Салиху пишува: „Документите во ‘Ослободените земји (1941-1944)’ говорат за функционирањето на институциите, за секојдневниот живот, за ентузијазмот на Албанците по долгогодишното заробеништво во некогашното кралство Југославија и Србија. Книгата содржи еден извештај на инспекторот за образование на Тетово Меџит Бектеши, во кој се вели дека ‘Албанците се чувствувале преродени и оти биле во состојба се да жртвуваат за величината на Татковината“.

„Во оваа временска рамка 1941-1944 беше создаден новиот административен и образовен систем. Првичната мисија на училиштето беше образовна и културна еманципација на Албанците од овие простори. Оваа книга не потсетува на многу учители, кои дошле од Албанија, за да создаваат и нова национална албанска свест. Оваа книга им е потребна и на албанските министри за образование, заради пример како треба да се работи за албанските школи. Од неа и политичарите денес можат да научат како се работи на подигањето на нацијата. Секој што ќе ја прочита ќе сфати дека денес не постои стратегија за патот на нацијата, како што беше тоа некогаш.“

Инаку, она што историчарот Ќерим Лита го нарекува како „Ослободени територии“ на подрачјето на Македонија проф-д-р Ѓорѓи Малковски од Институтот за национална историја низ многубројни документи го означува како „окупација на западниот дел на Македонија, заради припојување кон фашистичка „Велика Албанија“.



Пренесувајќи ги резултатите од студијата на Малковски за Западна Македонија во периодот 1941-1944 година во своја статија, објавена од весникот „Нова Македонија“, писателот и публицист Блаже Миневски пишува: „Малковски го истражувал дејствувањето на балистичката организација во Македонија од 1941 до 1944 година. Заради целосна албанизација и создавање етнички чиста територија, на улица и дома, морало да се зборува само на албански јазик. Врз база на фашистичката платформа од Тирана, биле формирани голем број фашистички организации и Балистичката организација кон крајот на 1942 година. Балистите вршеле злосторства и насилства, етничко чистење на западна Македонија и геноцид врз Македонците. При пребројувањето на населението во западна Македонија во 1942 Албанците не им дозволувале на Македонците да се запишат како Македонци, туку како Срби или Бугари.“

„Диктатурата врз населението била неиздржлива. Македонците биле пљачкани и доживувале невиден терор. Строго биле забранети сите јавни разговори на македонски јазик. Дури и телефонските разговори морало да се вршат на албански. Сите мажи морале да носат кечиња на главата. Масовно помагани од власта, на ’исчистениот’ простор почнале да се доселуваат цели семејства од Албанија и Косово. Албанските доселеници, донесени на местото на протераните Македонци, по ослободувањето останале во Македонија, а со тоа почнала тивка етничка, културна и јазична доминација на просторот од западна Македонија.’ – пишува проф. д-р Ѓорѓи Малковски во своето истражување за балистите и нивните злосторства во Македонија.“ – пренесува Блаже Миневски во својата статија.