Италијанската компанија како оштетно побарување за раскинување на договорот за изградба на нов Клинички центар во Скопје бара оштета во износ од околу осум милиони евра, вели Министерот за здравство Беким Сали.
Тој вели дека се шпекулации или некој прави политички притисок за да собере поени се „информациите“ дека италијанската фирма наводно бара 19,5 милиони евра за раскинатиот договорот.
„ Имаме еден документ кој што е побарување од осум милиони евра, за кој што исто така, немаме одговор од истата компанија која што го доби тендерот и беше поништен. На нашето барање за состанок за условно кажано за докажување на долгот, колку е за кој дел и зошто го бара тој износ, не сме имале никаков одговор“, рече Сали денеска.
Во мај 2017 година тогашниот министер за здравство Никола Тодоров соопшти дека новиот Клинички центар во Скопје во вредност од 72 милиони евра ќе го градат двете најголеми македонски градежни компании „Гранит“ и „Бетон“, во соработка со италијанска компанија „Инсо системи“.
Подоцна овој договор го раскина неговиот наследник Венко Филипче.







