На поранешниот албански претседател, премиер и лидер на албанските опозициони демократи Сали Бериша(79) му е одземен пратеничкиот имунитет.
„За“ таквата одлука гласале 75 пратеници од владејачкото мнозинство.
Со ова одлука на албанскиот парлемент се отвора патот, Специјалното обвинителство и судот против организиран криминал и корупција да одредат мерка затворски или, попоради возраста, домашен притвор.
Законот не дозволува затворски притвор за лица повозрасни од 70 години.
Бериша (79) беше обвинет за корупција во октомври за наводна злоупотреба на функцијата за да му помогне на својот зет Џамарбер Малтези да купи земјиште во Тирана во сопственост и на приватни граѓани и на Министерството за одбрана и да изгради 17 станбени згради на имотот.
Бериша и Малтези офрлија вина, тврдејќи дека случајот е политички потег на владејачката Социјалистичка партија на премиерот Еди Рама. Обвинителите рекоа дека доколку Бериша биде осуден, му се заканува затворска казна до 12 години. Поддржувачите на Демократската партија протестираа пред зградата на парламентот во четвртокот со антивладини транспаренти и скандирања „Долу диктатурата“. Бериша ги повика своите поддржувачи да се приклучат на „битката без враќање“ против „авторитарниот режим“ на социјалистите.
Седницата се одржа под засилени безбедносни мерки, во кои се ангажирани околу илјада полициски службеници и припадници на Националната гарда, кои се распоредени во и околу објектот на албанскиот Законодавен дом.
Пратениците од владејачкото мнозинство во собранието влегоа два часа пред почетокот на седницата, по претходната најава дека опозицијата ќе го блокира влезот.
Пред почетокот на седницата од собраниската сала преку видеообраќање Бериша порача: Или денес, или никогаш, денес е ден за битка.
„По неуставна одлука, ова е грозен чин, вистинско злосторство, ова злосторство никогаш не може да ја победи опозицијата, во Албанија има моќна опозиција која цврсто стои против оваа власт која ја воспостави својата диктатура, против оваа банда поврзана со соросовата мафија, опозицијата денес стои повеќе од кога било, во соборувањето на овие криминалци кои ги уништија Албанците повеќе од кој било освојувач во историјата овие министри, премиер како пијавици секој ден секоја недела ја цицаат крвта на најсиромашните. Ги чека пресудата на големиот народ. Нема сила на светот со добра волја да ги спречи Албанците. Денес или никогаш. Денес е ден на битка“, порача тој.
Во меѓувреме пред парламентот собрани се поголем број членови и поддржувачи на крилото на Бериша „Обнова на ДП“.






