Јавен обвинител достави предлог за определување мерка притвор за две лица против кои е поведена постапка за кривично дело, узурпација на недвижности, јавува Макфакс.
Урнале ограда на поликлиниката „Бит Пазар“ за да си направат паркинг
Судијата на претходна постапка разгледувајќи ги околностите за првоосомничениот, кој го узурпирал земјиштето определи мерка притвор во траење од 8 дена, додека за вториот осомничен, возач на багерот определени се мерки на претпазливост.
„Осомничените, на возраст од 45 и 42 години, на особено дрзок начин, со багер урнале дел од оградата на поликлиниката „Бит Пазар“ и започнале да го рамнат и тампонираат земјиштето во близина на здравствената установа кое не било во нивна сопственост, со намера да го претворат во паркинг, иако за тоа немале соодветна дозвола од општината“, соопштија од ОЈО Скопје.
Според обвинителството, намерата на осомничените била во најкраток можен период за време на викендот да го заокружат криминалниот потфат со ставање сопствена рампа со која во иднина би го узурпирале просторот и би профитирале од наплата на паркинг без дозвола.






