Сака да биде лидер на ВМРО-ДПМНЕ а бара партијата да гласа за уставни измени

Екс државниот секретар во Секретаријатот за евроинтеграции во времето на Груевски а сега заменик државен правобранител Јован Андоновски бара ВМРО-ДПМНЕ да гласа за уставните измени за партијата да не биде исфрлена од евроинтеграциските процеси како што пред два дена се закани австрискиот министер за надворешни работи.



Андоновски е близок соработник на ,,министерот за еден ден” Оливер Андонов кој пак е дел од пошироката групација околу Филип Петровски, Данела Арсовска и Стевче Јакимовски која е контра раководството на ВМРО-ДПМНЕ.

Андоновски меѓу редови без да понуди аргументи обвинува дека ВМРО-ДПМНЕ веќе не е прозападна партија а со негласањето за уставни измени игра за нечии други интереси но не кажува конкретно за кого се работи.

Функционерот кој сите свои функции ги добил благодарение на ВМРО-ДПМНЕ и на неговиот татко кој бил еден од основачите на партијата според негови блиски луѓе има амбиции да дојде на чело на партијата.

Ви го пренесуваме целото обраќање на Андоновски под наслов:

Македонија во ЕУ 🇲🇰🇪🇺

Би сакал да ги потенцирам позначајните достигнувања на патот на Македонија кон Европската унија. Во почетоците на патот на независноста ниту една политичка партија освен ВМРО ДПМНЕ (која тогаш беше ем патриотска ем современа, прозападна партија) ниту една друга партија или структура не ја гледаше Македонија како дел од ЕУ и НАТО.

Позначајните збиднувања беа потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација (во време на Георгиевски, Д. Тилев), добивањето на кандидатскиот статус (Шекеринска, Тилев), визна либерализација и прв позитивен извештај со препорака за почеток на преговори (Васко Наумовски, Ј. Андоновски) и скрининг (Маричиќ).

Во меѓувреме се инаетевме со децении за разно-разни божем прашања од идентитетско значење и изгубивме златно време за веќе да бидеме дел од клубот.

Денес, повторно сме на тест: Македонија во ЕУ, дали воопшто сакаме да ја биде или не?

Одговорноста на СДСМ е што не испреговараа подобар договор со ЕУ (читај Бугарија).
Одговорноста на ВМРО ДПМНЕ е што Македонија “ќе биде исфрлена” од процесот на преговори (МНР на Австрија, Шаленберг, Скопје, 14.07.2023)

Како ВМРО ДПМНЕ од нај прозападна партија успеа да стане партија која игра за други интереси? Веројатно одговорот го знае врвот на партијата. Погрешната одлука сега и во блиска иднина не може да помине без последица.

Сонот на основачите на ВМРО ДПМНЕ, меѓу кои и на мојот татко беше Македонија, силна и просперитетна, членка на ЕУ и НАТО.