Најмалку десет лица се убиени во супермаркет во државата Њујорк, откако во нив пукал 18-годишник, вооружен со автоматска пушка, јави Си-Ен-Ен.
Полицијата соопшти дека осомничениот е приведен и дека се верува дека дејствувал сам.
ФБИ соопшти дека неговиот чин ќе биде истражен како злосторство од омраза и „расно мотивиран насилен екстремизам“.
Единаесет од 13-те убиени или ранети се Афроамериканци, а супермаркетот Топс се наоѓа во населба доминантно со црно население.
Осомничениот, чие име полицијата не го соопшти, не е од Бафало, туку до таму „возел со часови“.
Меѓутоа, американските медиуми, повикувајќи се на неофицијални полициски извори, објавија дека напаѓачот се викал Пејтон Гендрон и дека потекнува од Конклин, мал град во државата Њујорк, приближно 300 километри јужно од Бафало.







