
Украина почна да користи касетна муниција испорачана од САД, објави Белата куќа. Портпаролот Џон Кирби им потврди на новинарите во четвртокот вечерта дека Украина почнала да го користи контроверзното оружје минатата недела, пренесува Си-Ен-Ен.
– Украинските сили „соодветно го користат (тоа оружје). Тие го користат ефективно и тоа навистина има влијание врз руските одбранбени формации и нивните маневри – рече Кирби.
Американските власти на почетокот на јули објавија дека ќе го достават оружјето во Украина, и покрај загриженоста за долгорочниот ризик за цивилите.
Најавата на САД за испраќање касетно оружје во Украина предизвика критики од невладините организации и одредени земји во светот. Повеќе европски земји се потписнички на Конвенцијата од Осло од 2008 година. Но, во таа конвенција не се вклучени ниту САД, ниту Украина, ниту Русија.
Берлин, Париз и Лондон потсетија и дека се против овој вид оружје и дека се потписници на конвенцијата.
Кремљ најави соодветен одговор на можната употреба на касетното оружје од страна на Украина.





