Денеска, 11 септември 2022 година, се одбележува 21-годишнината од терористичките напади кои однесоа илјадници американски животи, рани многу други и предизвикаа ужасни разурнувања.



Четири патнички авиони беа киднапирани од страна на исламски терористи во САД и беа употребени како средство за изведување на еден од најголемите терористички напади во модерната историја.

Во вторникот на 11 септември 2001 година, бомбаши самоубијци киднапираа американски патнички авиони и ги урнаа во двете кули близначки на Светскиот трговски центар во Њујорк, убивајќи илјадници луѓе.

За помалку од два часа и двете кули од 110 ката се урнаа.

Во 09:37 трет авион го уништи западното крило на Пентагон – огромниот штаб на американската војска во близина на Вашингтон, главниот град на земјата.

Четвртиот авион се урна во поле во Пенсилванија во 10:03 часот откако патниците ги совладале киднаперите.

Во нападите загинаа вкупно 2.977 луѓе, не сметајќи ги 19-те киднапери.

Американскиот претседател Џозеф Бајден ќе се обрати по тој повод и ќе положи венец во Пентагон, соопшти Белата куќа. Првата дама Џил Бајден ќе зборува на Националниот споменик на летот 93 во Шенксвил, Пенсилванија.

Потпретседателката Камала Харис и нејзиниот сопруг ќе присуствуваат на комеморативна церемонија во Националниот меморијален центар 11 септември во Њујорк.

Беа потребни повеќе од осум месеци за да се расчисти „Нулта точката“ – местото каде што се урнаа кулите близначки.

На таа локација сега има споменик и музеј, а зградите повторно се изградени, но со поинаков изглед.

Завршената централна зграда – Светскиот трговски центар Еден или „Кулата на слободата“ – е уште повисока (541 метар) од првобитната Северна кула, која беше висока 417 метри.