„Лажно“ е тврдењето за повлекувањето на рсуките трупи од границите на Украина, изјави висок претставник на американската администрација.
Руските сили собрани долж границите на Украина се зголемија за приближно 7.000 војници во последните денови, соопштија САД во средата навечер, пренесе Си-Ен-Ен.
Оттаму додаваат дека Русија би можела да инсценира провокација за да изврши инвазија на Украина во секој момент.
„Сите индикации што ги имаме сега се дека тие имаат за цел само јавно да понудат да зборуваат и да изнесат обвинувања за деескалација, додека мобилизираат дел од руската армија“, рече американскиот функционер.
Во изминатите два дена, Москва објавуваше снимки од тенкови и друга воена опрема како заминуваат во своите бази по завршувањето на воени вежби, но САД и НАТО велат дека досега не добиле потврда за повлекувањето.
„Русија мора да преземе вистински чекори кон деескалација“, се согласија Џо Бајден и Олаф Шолц во вчерашниот телефонски разговор.
Русија постојано негира дека планира да ја нападне Украина, иако распореди повеќе од 130.000 војници покрај границата. Таа ги опиша грижите на западот како хистерија.






