Американските власти одлучија да го одложат воведувањето на нови санкции против платеничката организација „Вагнер“ на Пригожин, објави The Wall Street Journal, повикувајќи се на свои извори.



Стејт департментот планираше да објави нови мерки во вторник, 27 јуни, кои би ги погодиле компаниите за ископување злато во Африка за кои Вашингтон вели дека се поврзани со таа организација.

Според WSJ, американската администрација се предомислила бидејќи сметала дека овој потег ќе создаде впечаток дека САД „заземаат страна“ со руското раководство.

„Вашингтон не сака да изгледа како да зазема страна за ова или она прашање“, изјави изворот за изданието.

Инаку, Пригожин е под американски санкции од 2016 година, а „Вагнер“ од 2017 година. Во декември 2022 година, Вашингтон ги заостри извозните контроли на приватната воена компанија за да го ограничи пристапот на групата до опрема произведена со американска технологија.

На почетокот на 2023 година, Министерството за финансии на САД ја означи структурата како транснационална криминална организација.

Како оправдување, одделот наведе дека, покрај учеството во воените операции во Украина, Вагнер „ги дестабилизира африканските земји“ и „претставува трансконтинентална закана“.