Американскиот претседател Џо Бајден не е подготвен да и даде на Украина ракетни системи со дострел од 300 километри, бидејќи се обидува да избегне трета светска војна, изјави неговиот советник за национална безбедност Џејк Саливан, цитиран од меѓународните медиуми.
Соединетите држави испорачаа 12 системи HIMARS во Украина и во петокот најавија претстојна испорака на уште четири такви системи со дострел од 80 километри. Руското Министерство за одбрана во петокот соопшти дека руските вооружени сили со прецизно оружје уништиле четири системи, доставени до украинските војници од САД.
„Има некои средства кои претседателот јасно стави до знаење дека не е подготвен да ги обезбеди. Тука спаѓаат ракетите со долг дострел ATACMS кои имаат дострел од 300 километри. Тој верува дека иако примарна цел на Соединетите Држави е да направат се што е потребно за да ја поддржат и заштитат Украина, друг предизвик е да не дојдеме во ситуација кога ќе западнеме во трета светска војна“, рече Саливан на безбедносниот форум во Аспен.







