САД ги поддржува напорите Македонија да бара одговорност од оние што ја злоупотребуваат довербата на јавноста за лична корист, изјави за Гласот на Америка (VOA)  портпарол на Стејт департментот, на прашање за иницијативата на Министерството за надворешни работи да се санкционираат и дома лицата и субјектите што се ставаат на црната листа на САД.



„Иако не коментираме за законодавството што се очекува, ние поздравуваме и силно поддржуваме какви било и сите напори за истрага на наводни коруптивни криминални активности и да се повикаат на одговорност оние кои ја злоупотребуваат јавната доверба за лична корист“, изјавија од Стејт департментот за VOA.

Согласно предложените измени на Законот за рестриктивни мерки, правните акти на САД и Обединетото Кралство ќе бидат валидна основа за ставање на лица или компании на домашниот список на санкции.

Поради вмешаност во значителна корупција, САД во текот на изминативе две години ги санкционираа поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, градоначалникот на Струга Рамис Мерко, Ратка Камчева, Сергеј и Ирина Самсонеко и фирми, Орце Камчев, поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков, потсетува „Гласот на Америка“..

Сепак, со европско знаменце и во забрзана постапка, Собранието лани ги помина измените на Кривичниот законик, кои предвидуваат пониски казни за службени лица и функционери кои ќе ја злоупотребат својата позиција.

САД на ова реагираа со изјава дека корупцијата има потенцијал да ги поткопа стратешките амбиции на Македонија….