Соединетите држави ја одложуваат испораката на 8-те авиони Ф-16, за кои веќе ги плати Бугарија, за две години, бидејќи стравуваат од протекување тајни податоци за авионите во Русија, пишува Еуроактив, повикувајќи се на два поранешни бугарски министри за одбрана.
„Одложувањето на испораката на новите американски ловци Ф-16 може да се должи на недовербата во бугарските власти, кои не докажаа дека можат со сигурност да ги заштитат тајните на НАТО. Мислам дека дури и договорот Ф-16 е замрзнат бидејќи безбедноста на технологијата не може да се гарантира 100 проценти“, вели поранешниот министер Велизар Шаламанов за Еуроактив.
„Имаме потешкотии со процедурите за заштита на доверливи информации. Јас работев десет години во НАТО и знам како издаваат сертификати за пристап до доверливи информации по студија која трае шест до осум месеци. А овде нашите луѓе му издадоа дозвола на Пеевски за до – помалку од пет работни дена“, изјави поранешниот министер за одбрана Велизар Шаламанов, пренесува БГНЕС.
Спомнатиот Делијан Пеевски е милијардер, медиумски магнат, кој откако стана пратеник, во 2013 година брзо доби сертификат да може да раководи со Државната агенција за национална безбедност, потсетува агенцијата.
Со Шаламанов целосно се согласува и неговиот поранешен колега Тодор Тагаев. „Бугарија мора да изгради систем за заштита на доверливи информации. Ние продолжуваме да им дозволуваме пристап на руските претставници на МиГ во воздухопловната база Граф Игнатиево.
Ни треба гаранција од 110 отсто дека ниту еден Русин повторно нема да стапне таму и дека персоналот на базата нема да пие вотка со Русите “, изјави Тагев за Еуроактив.
Во последните две години бугарското обвинителство спроведе неколку истраги против руски шпиони во земјата, што доведе до протерување на десетици руски дипломати од амбасадата во Софија. Досега ниту еден Бугарин не е осуден за руска шпионажа.
Обвинителството пред една година, во последните денови од владата на Бојко Борисов, објави дека фатило шпионска група во Министерството за одбрана. Беше објавено дека групата шпионирала за Русија и се обидувала издава информации за новиот Ф-16.
Во 2019 година, Софија потпиша договор со Соединетите Држави за набавка на 8 модернизирани F-16 Block 70, плаќајќи однапред 1,26 милијарди американски долари со што ги надмина трошоците за одбрана на Бугарија од 2% од БДП, како што инсистираат САД и НАТО.







