САД: Над 10.000 загинати од огнено оружје од почетокот на 2023-та

Повеќе од 10.000 луѓе во САД загинале од оружено насилство заклучно со 28 март годинава, објави во вторникот Gun Violence Tracker, објави АФП.



Тоа е во просек повеќе од 111 смртни случаи секој ден.

Според непрофитната истражувачка група, досега само оваа година имало 130 масовни престрелки.

Бројот на луѓе кои се самоубиле со огнено оружје од почетокот на годината достигна 5.742, а уште 4.266 лица загинале во убиства, несреќни пукања и одбранбена употреба на оружје. Повеќе од 7.500 луѓе беа повредени.

Во истите инциденти загинаа 59 деца на возраст од 0 до 11 години и 347 деца на возраст од 12 до 17 години.

Во понеделникот, државата Тенеси се најде на насловните страници со масовното пукање во училиште во Нешвил, каде што беа убиени три деца и тројца возрасни во приватното основно христијанско училиште Covenant School.

Претседателот Џо Бајден повтори дека Конгресот мора да дејствува решително за да го запре оруженото насилство во земјата.

„Ја исцрпив целата моја извршна моќ за да направам нешто сам за оружјето“, рече Бајден.