Американската амбасада во Приштина побара од владата на Албин Курти веднаш да формира заедница на општини со српско мнозинство.
Од Амбасадата сооштија дека повлекувањето на косовските Срби од косовските институции не е решение за актуелните спорови и има потенцијал за дополнителна ескалација на тензиите.
Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ изјави дека маските треба да паднат и да се види дали Бриселскиот договор постои или не.
„Ако САД и ЕУ не можат да излезат на крај со Курти, тогаш тоа е или нивна немоќ, или нивна премолчена согласност“, рече Дачиќ кој потсети дека девет години до договорот, Косово одбива да формира Заедница на српските општини.
„Ние ќе сториме се за да се сочува мирот. Претседателот Вучиќ ги советуваше Србите да не прават ништо со што би направиле штета на српските интереси, а тоа значи да се протестира мирно, ова е еден вид народен отпор поради избегнувањето да се формира заедницата на српски опшини и да се наметне независно Косово на целата територија односно на северот на Косово. Но, од друга страна Србија ќе биде одлучна во заштита на нашиот народ доколку дојде до загрозување на безбедноста“, изјави Дачиќ.






