САД ја предупредија Кина да не ја поддржува Русија

Американскиот државен секретар Антони Блинкен го предупреди својот кинески колега Ванг Ји дека Кина ќе се соочи со сериозни последици доколку Пекинг и обезбеди материјална поддршка на Русија во нејзината инвазија на Украина, соопштија американски дипломати.



Шефовите на дипломатиите на двете велесили разговарале на тајна локација во Минхен, а Стејт департментот ја потврдил средбата која траела еден час, пишува Ројтерс.

Вашингтон има информации дека Кина би можела да и пружи смртоносна воена помош на Русија.

„Државниот секретар доста отворено предупреди на последиците доколку Кина ѝ обезбеди материјална помош на Русија или ѝ помогне систематски да избегне санкции“, рече висок функционер на Стејт департментот кој сакаше да остане анонимен.

Тој додаде дека Кина се обидува да седи на две столчиња, тврдејќи дека сака да придонесе за мирот и стабилноста, но во исто време презема „загрижувачки чекори“ со намера да ја поддржи руската инвазија на Украина.