Соединетите држави ќе испратат дополнителни 3.000 војници на Блискиот исток како превентива по заканите за американските сили во регионот, соопштија денеска официјалните лица.



Новите трупи ќе им се придружат на 750-те војници, кои беа испратени во Кувајт претходно оваа недела, пренесува Ројтерс.
Од мај минатата година, САД веќе распоредија 14.000 дополнителни војници во регионот.

Иран се закани со одмазда „на вистинското место и во вистинско време“ откако еден од најмоќните генерали на Иран, Касим Сулејмани, беше убиен со американски дрон во Багдад.

„Америка треба да знае дека нејзиниот криминален напад врз генералот Сулејмани беше нејзината најголема грешка. Овие криминалци се соочуваат со сериозна одмазда, на вистинско место и во вистинско време“, се вели во соопштението на Врховниот совет.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека убиството на иранскиот генерал Касим Сулејмани не е изведено со цел да се предизвика конфликт со Иран, туку да се спречи војна.

Трамп соопшти дека биле утврдени целите на можната одмазда од Иран и дека тој е подготвен да преземе какви било неопходни активности.

Тој претходно изјави дека Сулејмани убил и ранил илјадници Американци за подолг временски период и планирал да продолжи со тоа.