САД и европските сојузници разговараат за забрана на увоз на руска нафта

Соединетите Американски Држави и европските сојузници ja разгледуваат можноста за забрана за увоз на руска нафта, изјави во неделата американскиот државен секретар Антони Блинкен.



Европа се потпира на Русија за сурова нафта и природен гас, но стана поотворена за идејата за забрана на руските производи во изминатите 24 часа, изјави извор запознаен со дискусиите за Reuters.

Во меѓувреме, претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, исто така во писмо соопшти дека се разгледува законодавството за забрана на увозот на руска нафта.

Сепак, Блинкен, исто така, ја истакна важноста од одржување на стабилни резерви на нафта на глобално ниво.

„Сега сме во многу активни дискусии со нашите европски партнери за забрана на увозот на руска нафта во нашите земји, додека се разбира, во исто време, одржуваме стабилно глобално снабдување со нафта“, рече Блинкен во интервју за NBC.

Блинкен, кој е на патување низ Европа за да се координира со сојузниците за одговорот на руската инвазија на Украина, исто така рече дека разговарал за увоз на нафта со претседателот Џо Бајден и неговиот кабинет во саботата.

„Витол груп“, најголемиот независен светски трговец со сурова нафта, предупреди дека пазарот на нафта може дополнително да се затегне со прекин на руските текови и бидејќи производителите како Либија имаат проблеми со снабдувањето.