САД горди што се сојузник со Македонија: Трамп го честита 8 Септември

Американскиот претседател Доналд Трамп на својот македонски колега Стево Пендаровски шест дена порано му го честита 8 Септември – Денот на независноста на Македонија, порачувајќи дека САД се горди што се нејзин сојузник.



„Оваа година одбележувањето е во околности кога сме соочени со глобалната пандемија. И покрај овој огромен предизвик, Северна Македонија безбедно и транспарентно одржа демократски избори во јули, а вашата земја останува посветена на унапредување на безбедноста, стабилноста и просперитетот во регионот. Во прилог на позитивниот исчекор со зачленувањето во НАТО, Северна Македонија веќе придонесува кон Алијансата, како домаќин на големи вежби на воениот полигон Криволак. Соединетите Држави се горди што се Ваш сојузник и ги поддржуваме аспирациите на Северна Македонија за понатамошна европска интеграција и вашиот пат кон членство во Европската унија“, се вели во честитката од Трамп што на Пендаровски му ја предаде американската амбасадорка Кејт Брнз.