Меѓу другите пораки дадени на средбата Ковачевски-Блинкен американскиот државен секретар порачал дека САД продолжуваат со поддршката кон с. Македонија во нејзиниот евроинтегративен процес односно дека САД ,,силно го поддржуваат северномакедонскиот пат кон Европската унија и многу го почитуваат лидерството на премиерот во тие напори”
(And we strongly, strongly support North Macedonia’s European Union path and appreciate very much, Prime Minister, your leadership in that effort).

Зошто Блинкен погрешно ја употребил придавката и зошто Ковачевски не реагирал на грешката е нејасно.
Според официјалната позиција на македонската влада и МНР сите странски ентитети треба да ја користат придавката македонски наместо северномакедонски.
Во другиот дел од разговорот според владиното соопштение премиерот Ковачевски и американскиот државен секретар размениле мислења за билатералните односи меѓу земјава и САД, при што било нагласено оти С. Македонија е стабилен стратегиски партнер и докажан сојузник на Соединетите Американски Држави. Било додадено дека двете држави споделуваат длабоки врски, засновани на заедничка почит на демократските вредности и човековите права, а дека ваквите односи ќе продолжат да се развиваат со засилена динамика.
Соединетите Американски Држави ќе продолжат со својата поддршка кон С. Македонија во насока на преземање на следните чекори во нејзиниот евроинтегративен процес, притоа високо ценејќи ги досегашните одлуки кои македонската влада ги презела во насока на обезбедување просперитетна иднина на земјата во рамки на Европската Унија и НАТО.
„Американскиот државен секретар Блинкен, на состанокот потенцираше дека САД високо го ценат придонесот на Република Северна Македонија во регионалниот контекст но пред сè како цврст НАТО-сојузник. Блинкен ја пренесе силната долгогодишна поддршка на претседателот Бајден на регионот и особено на Северна Македонија, со надеж дека земјата ќе ги искористи можностите кои се пред неа, а на тој пат, државниот секретар потенцираше дека САД ќе стојат цврсто со Северна Македонија“, се наведува во владиното соопштение за средбата Ковачевски-Блинкен.
„Премиерот потенцираше дека С. Македонија добива силна и континуирана поддршка од САД во остварувањето на стратегиските цели од прогласувањето на независноста до денес и изрази задоволство од успешното започнување на Стратешкиот дијалог со САД, што е нова одредница во нашите пријателски односи, подобрување на заемните политички, економски и други форми на дијалог, образовни и културни врски“, стои во соопштението од Владата.
Од своја страна Ковачевски на средбата ја нагласил важноста на досегашната поддршка на САД во поглед на натамошната демократизација на македонското општество, владеењето на правото, како и борбата против криминалот и корупцијата – реформи кои, како што истакнал, се највисок приоритет.
Во владиното соопштение се додава оти поддршката од САД ќе продолжи и во наредниот период зашто е од голема важност за просперитетот на земјава, но и на целиот регион.






