Соединетите Држави ги повикуваат своите европски сојузници да заземат построг став кон Кина за да се спротивстават на предизвиците што ги поставува Пекинг, пишува „Фајненшл тајмс“.



Анонимен извор запознаен со ова прашање вели дека Вашингтон ги користи своите политики за да и помогне на Украина како потпора за да добие поголема поддршка за нејзиниот пристап кон индо-пацифичкиот регион.

„Поместувањето од страна на Американците по ова прашање е забележливо. Многу е јасно дека тие одлучија дека сега е време да се оди напред по ова прашање“, забележа друг извор.

Сепак, одредени европски земји се чини дека не сакаат целосно да ја усогласат својата позиција за Кина со онаа на Соединетите Држави.
Некои официјални лица изразија загриженост дека разговорите за ова прашање би можеле да го одвлечат вниманието од поактуелното прашање во моментот, имено, војната во Украина.

Шефот на НАТО пред една недела ги предупреди западните земји да бидат внимателни да не создаваат нови зависности од Кина во обид да се ослободат од руските енергетски резерви поради војната на Москва против Киев.

Финската премиерка Сана Марин исто така предупреди дека Европа во моментов е премногу технолошки зависна од Кина и треба да биде внимателна со тоа.

Во август, истражувањето покажа дека германската економија станала позависна од Кина во првата половина на 2022 година, при што директните инвестиции и нејзиниот трговски дефицит достигнаа нови височини, и покрај политичкиот притисок врз Берлин да се дистанцира од Пекинг.

Но, новиот британски премиер Риши Сунак соопшти дека „златното доба“ меѓу Велика Британија и Кина – завршило.