САД се заканија со „значајни последици“ за Кина во случај на чекори насочени кон кршење на американските санкции против Русија поради Украина, соопшти вчера прес-секретарот на Белата куќа Џен Псаки.
„Нема да навлегувам во конкретни детали за овие последици. За тоа како изгледаат конкретните мерки, ќе се координираме со нашите партнери и сојузници за да ја донесеме таа одлука“, рече Псаки, додавајќи дека САД внимателно ќе ги следат потезите на Кина кон Русија.
Стејт департментот во понеделникот не ја исклучи можноста за воведување санкции против Кина поради соработката со Русија.
Пентагон исто така издаде слични изјави, заканувајќи се на Кина со „последици“.
Во понеделникот американските и британските медиуми објавија дека Русија побарала од Кина да и обезбеди воена опрема за војната во Украина, како и економска помош за да може да ги издржи ударите од санкциите.
Извори на американскиот весник „Њујорк тајмс“ не прецизираа каква воена опрема побарала Москва од Пекинг за да не ги компромитира своите информативни канали.







