Саботажа на расправата за Бугарија во Собранието

Пратениците од владеачката коалиција ја бијкотираа денешната седница на собраниската Комисија за надворешна политика на која требаше да се разговара по една точка на дневен ред.



Според најавата комисијата требаше да расправа за „Утврдување на национален став во врска со позициите на официјална Софија по однос на македонските ЕУ-интеграции, засновани на Објаснувачкиот Меморандум усвоен од страна на Република Бугарија“.

Шефот на Комисијата Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, вели дека до почетокот на седницата не бил информиран дека членовите на комисијата од владејачкото мнозинство се спречени да присуствуваат.

На седницата биле поканети и министерот за надворешни работи Бујар Османи и вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров но не се појавиле без да кажат зошто.

“Сметам дека ваквото саботирање и избегнување за доаѓање на седницата на комисијата, само покажува дека тие не се заинтересирани да има заеднички национален став по однос на македонските интереси во спорот, кој што е наметнат од страна на соседна Бугарија, преку објаснувачкиот меморандум”, изјави Милошоски.

Милошоски вели дека на комисијата имал цел да предложи гласање по предлог заклучок – за усвојување на резолуција што ќе го осуди објаснувачкиот моморандум од соседна Бугарија, како историски анахронизам, спротивен на европските вредности и самобитноста на македонскиот народ како дел од европската културна заедница и основна вредност за европска интеграција.

Комисијата има 12 членови и тоа Лолита Ристова и Сашко Николов од СДСМ, Моника Зајкова од ЛДП, Кастриот Реџепи од Беса, Соња Мираковска од НСДП, Ане Лашкоска, Тимчо Муцунски, Иванка Василевска и Марија Петрушевска од ВМРО-ДПМНЕ, Арбер Адеми и Арта Билали-Зендели од ДУИ и Сафије Садики-Шаини од Алтернатива.