Вилма Русковска вели дека доколку ниту еден орган не преземе дејствија за расчистување на сомнежите за набавката на софтвер поврзан со Драги Рашковски, Обвинителството за гонење на организиран криминал и висока корупција веројатно ќе отвори предмет.
Министерството за внатрешни работи и Управата за финансиска полиција се органите што треба да откриваат сторители, тие се органи на прогон и ако решат да не постапуваат тоа ќе го сториме ние , изјави Русковска за „Слободен печат“.
Изјавата следува откако за „Радио слободна Европа“, од Управата за финансиска полиција истакнаа дека тие, освен по службена должност, би постапувале единствено доколку постои наредба од страна на надлежен јавен обвинител.
За набавката на софтвер вреден 80 илјади евра за детектирање и казнување на сообраќајни прекршоци која ја спроведе Генералниот секретаријат за потребите на МВР, иако полицијата воопшто немала намера да го користи, предмет веќе отвори Државната комисија за спречување корупција.






