Русковска негира план за апсење, потврдува обезбедени докази за случај со инволвиран министер

Суспендираната обвинителка за организиран криминал Вилма Русковска за А1Он вели дека е шпекулација е дека се подготвувало апсење на министер.



Во исто време таа не негира дека требало да се сослушуваат сведоци за случајот во кој е инволвиран актуелен министер во владата.

Во веста што ја пренесува „А1он“, Вилма Русковска, шефица на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција која е суспендирана посочува дека не е точно дека поради можно влијание, повторување на делото и бегство, се планирало барање на притвор за министер, а поради предметот каде се испитува зошто во Министерството за внатрешни работи со месеци го чувале во фиока решението за привремена забрана за работа на станицата за технички преглед „Виа комерц“, во која на последна контрола бил и автобусот на „Беса транс“ што изгоре во Бугарија.

Русковска ја потврдува веста на expres.mk според која сите потребни докази за случајот во кој е инволвиран министер а за кој предходно веќе објавија медиуми се веќе собрани и обезбедени.

„Писмените докази за овој предмет се веќе обезбедени, како што кажав на пресот. Од утре требаше да почнам со сослушување на сведоци. За апсењето се шпекулации“, посочува Русковска.

Зошто Русковска не бара притвор за министерот за кој веќе обезбедила докази е прашање на кое таа не дава одговор.

Доколку Русковска има докази за криминал на било кој а особено на министер таа мора да оневозможи осомничениот да го повтори делото, да го спречи да избега од земјата и да спречи влијание врз сведоците кои таа планирала да ги испитува.

Доколку се работи за министерот Спасовски тој е во ситуација да ги стори сите три причини поради кои обвинителите секогаш бараат притвор.

Зошто Русковска има обезбедено докази а би ризикувала Спасовски да избега, да го повтори делото или да влијае на сведоците е збунувачки.

За овој случај, поврзан со станицата за технички преглед, Русковска веќе кажа кои дејствија ги презела како надлежен обвинител кој го води случајот.

„Што се однесува за станицата за технички преглед, немаше наредба за претрес. Со наредба од обвинител, беше одземена документација од МВР, СВР Скопје и од Град Скопје. Во текот на следната недела планирав да почнам со сослушување на сведоци по тој предмет. Но како стојат работите, ќе треба да почека и тоа“, кажа Русковска пред два дена, кога поднесуваше жалба за суспензијата.

Дали Русковска ќе остане суспендирана, ќе треба да одлучи Советот на јавни обвинители каде таа се жали од одлуката на републичкиот обвинител, Љубомир Јовески. Суспензијата е поради кривичната пријава поднесена против неа, а по извештајот од Републичкото обвинителство дека претресот во Финансиската полиција бил извршен со добивање на дозвола од судот на кого му се презентирани неточни информации, но и од обвинители кои се ненадлежни.