Малата Камила Валиева која го одушеви светот со историскиот четирикратен скок, сега се соочува со опасност да остане без медал.
Имено, таа била позитивна на допинг тест, а руските весници „РБЦ“ и „Комерсант“, објавија дека Валиева била позитивна на триметадазин, лек против ангина и вртоглавица кој може да го зголеми протокот на крвта и да ја подобри издржливоста поради што се наоѓа на листата на забранети супстанци на Светската антидопинг агенција (ВАДА).
Валиева беше дел од рускиот тим кој во понеделникот го освои златниот медал во екипна конкуренција пред САД и Јапонија, но доделувањето на медалите беше одложено од нејасни причини.
Сега се верува дека токму позитивниот тест бил причината.
Се уште се чека конечна одлука за распределба на медалите, дали на русите ќе им биде одземен златниот медал.
Не се знае ниту дали Рускиот олимписки комитет ќе поднесе жалба, но Валиева и понатаму тренира. Руската лизгачка федерација само потврди дека таа засега не е суспендирана.






