Валериј Карпин, селектор на фудбалската репрезентација на Русија, се согласи со 55 проценти од анкетираните од тамошниот спортски портал „Чемпионат“ дека Македонија е најпосакуваниот противник во баражот за Светското првенство 2022 во Катар.



„Не можам да ја дефинирам важноста на ждрепката во проценти. Јасно е дека таа е важна. Нормално, важно е каков противник ќе ни падне. Пожелно е, како што сите велат, да ја добиеме Македонија. Тоа е веројатно најдоброто нешто. Така сите мислат, а и ние. Ова е на хартија, но на терен сето ова допрва ќе треба да се докаже“, изјави Карпин.

Русија беше подобра во сите четири меѓусебни дуели со Македонија, по два пати во квалификациите за Европското првенство 2008 (2:0 во Скопје и 3:0 во Москва) и за ЕП 2012 (по 1:0 во Скопје и во Москва).

Извлекувањето на двојките за мундијалскиот плеоф е закажано за денеска од 17 часот во Цирих, а покрај Русија, можни ривали на Македонија се и Португалија, Италија, Шведска, Шкотска и Велс.