Српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека утре во Србија треба да пристигнат првите количества руски гас преку гасоводот „Балкански поток“ и дека во моментот се проверуваат мерните станици во месноста Вршка Чука кај Заечар, каде гасоводот од Бугарија влегува на српска територија.



„Верувам дека сè ќе биде во ред утре. Одличен ден за Србија и во економска смисла, и за населението и индустријата“, истакна Вучиќ за време на неговата посета на Зајечар, пренесе N1.

Тој потсети дека цевките на гасоводот поставени од Вршка Чука до Хоргош, на границата со Унгарија, и потенцираше колку проектот е важен за целата земја.

Вучиќ додаде дека треба уште да се работи на изградба на секундарниот гасовод, така што граѓаните ќе имаат енергетска сигурност и најевтино греење во своите домови.